МЗТ си играше со оган, ама на крај ги ’изгоре’ соколите (86-80) - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Кошарка
28/05/2017 20:29
Фудбал
28/05/2017 18:29
Ракомет
28/05/2017 14:54
Ракомет
28/05/2017 11:41

МЗТ си играше со оган, ама на крај ги ’изгоре’ соколите (86-80)

МЗТ си играше со оган, ама на крај ги ’изгоре’ соколите (86-80)

МЗТ Скопје Аеродром стигна до втората победа во финалната серија од плејофот против Карпош Соколи, и се наоѓа на еден триумф до одбрана на шампионскиот трофеј. „Металците“ имаат водство од 2-1 во победи, откако вечерва во „Јане Сандански“ славеа со 86-80. На моменти имаа и голема предност (70-54), но мораа да се испотат на крајот за да стигнат до вториот триумф.

Соколи подобро го започна натпреварот кога станува збор за шутот за три поени, па по двете тројки на Мавра и една на Соколов во првите пет минути од средбата значеа водство на гостите од 11-7. МЗТ до поени стигнуваше влегувајќи во рекетот, Карпош продолжи со шутот од дистанца и веќе реализираа четири тројки во првиот дел, со помош на Соколов и овој пат Чомагиќ.  На две минути пред крајот Трајковски ја заработи третата лична грешка, а потоа следуваше серија на домаќинот од 7-0 и го доведоа резултатот на само еден поен негатива. До крајот на првата четвртина избраниците на Николиќ постигнаа само еден кош, додека МЗТ почна да ја гради предноста преку Темс и Дреновац (21-16).

Вторите десет минути започнаа со реализација на екипата од Карпош, а кога Назор ја смени одбраната и домаќинот започна зонски да се брани, Соколите нe постигнаа кош цели шест минути. МЗТ направи серија од 14-0 и стигна до највисоката предност на мечот (37-22). Мавра и Чомагиќ со нови тројки на три минути до крајот на полувремето ја прекинаа серијата на МЗТ (39-31), што ги мотивираше гостите да се обидат да се вратат резултатски. На паузата МЗТ замина со предност од 10 поени разлика (44-34).

Третиот период резултатски го отвори МЗТ по неуспешниот напад на Соколи, а при резултат од 47-37 следуваше триминутен пост и на двете екипи, при што промашија неколку последователни напади. Во последните пет минути од третата четвртина Карпош успеа да ја донесе разликата до едноцифрена бројка, најзаслужен за тоа беше Пери кој влезе во својот ритам, така што МЗТ имаше минимална предност од четири разлика, односно 54-50. До крајот на предпоследниот период Клоф и Темс ги зедоа работите во свои раце и МЗТ повторно се одвои од противникот, па  четвртината заврши со резултат од 61-54.

МЗТ во завршните десет минути направи нова серија од 7-0 и повторно поведе со двоцифрена разлика. Соколи не знаеше за реазлизација цели три и пол минути, па водството на „металците“ се зголеми (70-54). Тимот на Карпош Соколи, сепак, ја намали негативата, и на една минута до крајот стигна до три поени негатива, а одговорот дојде од Дреновац. Клоф реализира слободни фрлања, но Мавра погоди тројка (83-80).

Сепак, МЗТ заслужено ја славеше втората победа во финалната серија. Пред крајот, гостинскиот тренер Николиќ се обиде да се расправа и со домашната публика, очигледно нервозен поради поразот.

Најефикасни во таборот на МЗТ Скопје Аеродром беа Темс со 22 поени, Клоф со 21 и Дреновац со 20 поени. За Карпош Соколи најмногу поени реализира Пери (24), Мавра заврши со 20.

Четвртиот натпревар од финалната серија се игра за два дена во „Борис Трајковски“.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.