МЗТ Скопје е во финалето, „метла“ за кумановци (Фотогалерија)

МЗТ Скопје очекувано се пласираше во финалето од плејофот во македонското првенство откако „металците“ ја добија и третата средба во низа против Куманово (84-64), за максимални 3-0 во оваа полуфинална серија. Кумановци за разлика од ланското финале, годинава со значително послаб ростер немаа сили посериозно да ги замрсат сметките на актуелниот првак, избраниците на Србиновски денеска одиграа одлично прво полувреме, но немаа сили да го издржат темпото и на крајот претрпеа пораз, во за нив последниот меч во оваа натпреварувачка сезона.

„Металците“ влегоа со улога на апсолутни фаворити на овој натпревар, но кумановци од друга страна делуваа решено да дадат се од себе за да се изборат за уште најмалку една домашна средба сезонава. Гостите изненадија со прецизната игра во нападот, на неполни две минути пред крајот на првата четвртина имаа предност од 17-23, за стартниот период по поените на Лалиќ и на Клоф да заврши 21-23. МЗТ се обиде да преземе контрола, но Србиновски и неговите кошаркари делуваа самоуверено и во втората четвртина, во која имаа и „плус шест“ (25-31), за на крајот на одмор да заминат со предност од 39-43.

[new_royalslider id=”634″]

МЗТ успеа да го сврти резултатот во своја полза на стартот од третата четвртина, Тејмс погоди тројка за 45-45, пред Мијатовиќ да реализира за водство од 47-45.  Токму Мијатовиќ, кој до стартот на Супер-лигата го носеше дресот на кумановци, потоа постигна уште шест поени во низа и му помогна на својот тим посериозно да се одлепи. Нападот на Куманово беше далеку под нивото од првото полувреме, гостите постигнаа само пет поени во првите осум минути од четвртината, па МЗТ Скопје неслучајно стигна и до двоцифрена предност од 59-48. Серијата на домашниот тим со прецизен обид за тројка ја прекина младиот Тодоровиќ, но „металците“ веќе беа влезени во посакуваниот ритам и ја завршија третата четвртина со убедливи 65-53.

Избраниците на Анте Назор рутински ги одиграа последните десет минути од оваа полуфинална серија, уште повеќе зголемувајќи ја својата предност се до конечните 84-64.

Дреновац со 17 и Мијатовиќ со 15 поени беа најефикасни во редовите на МЗТ Скопје, додека најдобри стрелци на Куманово беа Пековиќ и Караџовски со по 13 поени.

Се вчитува...