На Чаир ќе има ‘прволигашко крштевање’ за Академија Пандев!

Академија Пандев своето прволигашко „крштевање“ денеска од 17 часот на стартот од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе го има на стадионот Чаир против екипата на Шкупи.

Амбициозниот проект на нашиот најдобар фудбалер, Горан Пандев, експресно успеа да стигне до елитата сега очекувајќи го и прволигашкиот предизвик со нескриени желби за потврда и дополнување на се досега сработеното.

„Секако сме задоволни од досега сработеното и обезбеденото место меѓу прволигашите. Сакаме да биде стабилен прволигаш кој ќе игра значајна улога на домашната фудбалска сцена. Така му пристапуваме и на денешниот натпревар против Шкупи кој е од посебно значење за клубот, прв историски во Првата лига за нас. Верувам дека ќе биде интересен дуел, од кој ние секако посакуваме да извлечеме позитивен резултат“ – вели стратегот на Академија Пандев, Панче Стојанов.

Но, победа на денешниот дуел очекуваат и во таборот на Шкупи.

„Секој нов почеток за мене е и нов предизвик. Очекувам наша добра игра на првиот натпревар. Не потценуваме ниту една екипа во првенството, па сигурно не и Академија Пандев. Свесни сме дека нема да биде лесен натпревар, но ќе направиме се да дојдеме до посакуваните три бода. Се надеваме дека ќе постигнеме гол во раната фаза од мечот, а потоа се ќе биде полесно и со поддршка на нашите навивачи“ – вели дефанзивецот на Шкупи, Седат Бериша.

ПРВА ЛИГА – 1. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Прилеп: ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР

Кратово: СИЛЕКС – СКОПЈЕ

Скопје: ШКУПИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

ВЧЕРА

ШКЕНДИЈА – ВАРДАР 2-0

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 0-0

Се вчитува...