Надал бара 100.000 евра од поранешната министерка за спорт на Франција

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал реши да побара отштета од 100.000 евра на суд од поранешната француска министерка за спорт Роселин Башело. Таа го обвини Надал дека прикрива позитивен допинг-тест.

Башело, која беше министерка за спорт на Франција од 2007 до 2010, во март 2016 година во интервју на француска ТВ го обвини Надал дека глумел повреда во 2012 година, кога ги пропушти последните шест месеци од сезоната поради повреда на коленото, за да прикрие позитивен допинг-тест.

„Овие работи ме исцрпуваат. Во минатото неколку пати оставив да ме навредуваат, но веќе нема да го правам тоа. Очекував повеќе од човек кој бил министер на голема земја како Франција. Ако некој може да кажува глупави работи, тогаш ќе треба и да ги докаже на суд“, изјави Надал.

Адвокатот на Надал, Патрик Масонев, пред францускиот суд изјави дека обвинувањата можат да имаат „големи последици“ околу спонзорските договори на тенисерот,  давајќи го како доказ медицинскиот картон на Шпанецот во кој е забележана сериозната повреда на левото колено.

Се вчитува...