Надал без конкуренција, го растури Андерсон за трета круна на УС Опен

Рафаел Надал покажа дека заслужено се наоѓа на врвот на АТП-листата, откако славеше над Кевин Андерсон во финалето од УС Опен закитувајќи се со вториот гранслем трофеј годинава. Шпанецот одигра импресивен меч, а за разлика од полуфиналето со Дел Потро овојпат не му дозволи на противникот ниту еден освоен сет, доминирајќи од почетокот па се до самиот крај.

Андерсон се мачеше од стартот, но успеа да спаси четири брејк топки при 1-1 и 2-2, доаѓајќи до предност од 3-2 во првиот сет. Сепак, тоа беше се што одличниот сервер успеа да стори бидејќи Надал ги доби следните четири гејма и поведе со 1-0. Потоа самодовербата кај Андерсон опадна, со тоа и прецизноста при првиот сервис (под 40% во вториот сет), па Надал повторно го доби сетот со идентични 6-3. Беше јасно дека ривалот нема одговор за одличното издание на шпанскиот ас, па Рафа направи брејк уште при првиот гејм од третиот сет, трасирајќи со го патот до победата од максимални 3-0 во сетови (6-3, 6-3, 6-4).

За Рафаел Надал ова е вкупно 16. гранслем трофеј во кариерата, трет на УС Опен, по оние во 2010 и во 2013 година кога во финалињата славеше над Новак Ѓоковиќ.

Се вчитува...