Надал го реши „плачкото“ Киргиос во финалето од Пекинг

Рафаел Надал се зацврсти на врвот на АТП-листата откако Шпанецот во голем стил стигна до трофејот на Мастерс-турнирот во Пекинг. Тој главните проблеми ги имаше на премиерниот меч против Пуиј, на кој спаси две меч-топки на противникот, како што минуваше турнирот така Надал се повеќе добиваше на самодоверба, за денеска во финалето лесно и убедливо да го совлада Ник Киргиос со 2-0 во сетови.

Клучен момент на финалето беше караницата што Австралиецот ја имаше со судијата при резултат 2-2, кога реагираше на една погрешна судиска одлука. Со видно нарушена концентрација,, Киргиос направи неколку грешки, а Надал знаеше како да го искористи тоа и го доби првиот сет со 6-2.

И не само тоа, шпанскиот ас продолжи со фуриозна игра и во вториот сет, во кој дојде до предност од 5-0. Киргиос ја прекина серијата од девет гејма на првиот носител, но тоа беше се што австралискиот тенисер успеа да стори бидејќи Надал веќе во следниот гејм ги постави конечните 6-2, 6-1 за свој нов трофеј во оваа фантастична 2017 година за Шпанецот. За Рафаел Надал ова е 75. титула во кариерата, прва во Пекинг по пауза од дванаесет години.

Се вчитува...