Награда за „тивкиот херој“ – Абутовиќ во Вардар до 2020 година

Раководството на Вардар продолжува со успешните разговори со дел од клучните играчи од оваа сезона, па така дојде ред и на Илија Абутовиќ да ја продолжи соработката со македонскиот првак. Српскиот специјалист за одбрана, за кого капитенот Стоилов истакна дека секогаш е меѓу најзаслужните за победите, но ретко кога е споменуван во јавноста, денеска и официјално го стави својот потпис на новиот договор, со што Абутовиќ ќе остане во „црвено-црното семејство“ до 2020 година.

Одбраната секогаш е важен дел во играта, а токму Илија Абутовиќ е еден од нашите најдобри играчи. Секоја година Вардар игра се подобра одбрана, и токму Абутовиќ е еден од главните играчи таму. Со неговото останување во клубот веруваме и одбраната ќе продолжи на истото ниво, па дури и подобро во иднина“, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Абутовиќ од 2011 година е дел од Вардар и беше дел од најголемите клупски успеси, меѓу кои и трите титули во СЕХА лигата, трите настапи во четврт-финалето на ЛШ, пласманот на Ф4 турнирот во ЛШ и неколкуте шампионски и куп титули во домашното првенство.

Се вчитува...