Најденов: Да го дадеме најдоброто од себе против Динамо Минск

Работнички ќе има тешка задача против Динамо Минск на денешниот реванш (17 часот), но стрелецот на израмнувачкиот гол од првиот меч во Скопје, Бојан Најденов, верува дека „романтичарите“ можат да го елиминираат белорускиот претставник, во рамките на второто квалифицикациско коло од Лигата за Европа. За тоа ќе треба „романтичарите“ да го извлечат најдоброто од себе, по ремито (1-1) на првиот меч. Секако, приоритет е да се постигне најмалку еден погодок.

„Веруваме во себе, дека можеме да го елиминираме Динамо Минск. Се работи за квалитетен тим, Белорусите и во Скопје покажаа за каков состав се работи, но мислам дека ние на реваншот можеме да одиграме многу подобро, отколку на првиот меч. Имаме капацитет за тоа, мотивите ниту најмалку не се спорни, и ќе треба едноставно да истрчаме на теренот и да го дадеме најдоброто од себе“, вели Бојан Најденов.

Мечот меѓу Динамо Минск и Работнички ќе се одигра на стадионот „Трактор“ во Минск, со почеток во 17 часот. Главен судија на овој дуел ќе биде Французинот Николас Граинвил, а ќе му помагаат сонародниците Гилјом Дебарт и Филип Жан. Четврти судија е Јоан Хамел.

Се вчитува...