НАЈДОБАР: Обрадовиќ со повеќе трофеи од Месина, Гершон и Ивковиќ заедно!

Ширум Европа веќе подолго време нема дилеми околу тоа кој е најдобриот кошаркарски тренер на „Стариот континент“, но Жељко Обрадовиќ сепак успеа да се надмине себе си. Фактот дека со девет титули е далеку најтрофејниот европски стратег е доволна потврда за неговата големина, уште повеќе ако се знае дека Обрадовиќ самиот има повеќе трофеи од Еторе Месина, Душан Ивковиќ и Пини Гершон заедно.

Тројцата врвни стручњаци зад своите имиња имаат вкупно осум титули европски шампион (Месина четири, Ивковиќ и Гершон по две), додека Обрадовиќ самиот има освоено девет. За успехот да е уште поголем, тој до овие девет круни стигна со пет различни клубови, во временско растојание од неверојатни 25 години (првата со Партизан во 1992, деветтата со Фенербахче во 2017).

Горд сум на играчите, тоа е се што можам да кажам во моментов. Ќе сториме се за догодина повторно да се наоѓаме на ова исто место“ – во свој стил прокоментира Обрадовиќ, кој дојде во Истанбул во 2013 година и ја оствари големата желба на челниците на Фенер, овој тим конечно да се искачи на врвот на европската кошарка.

Покрај деветте европски круни, тој има освоено и два пехари во Сапорта купот, потоа две титули првак на Турција, еден Куп на Турција, дури 11 трофеи шампион на Грција, седум купови на нашиот јужен сосед, еден Супер-куп на Италија и една двојна круна во Југославија.

Дефинитивно еден и единствен – Жељко Обрадовиќ.

Се вчитува...