Најдобриот тим, најдобриот камп: Реал Мадрид фондација во јуни организира камп во Скопје

Македонија од јуни ќе влезе во семејството на Реал Мадрид фондацијата како организатор на кампот „Campus Experience“. Компанијата „Спорт Арена“ доби можност да биде лиценциран партнер на Real Madrid Fundation Campus Experience и денеска го претстави проектот на прес – конференција. Кампот ќе се одржи на терените на комплексот на ФФМ од 11 до 15 јуни.

„Како претставник и организатор на фудбалскиот камп морам да изјавам дека сме горди што успеавме да добиеме можност да станеме лиценцирани партнери на Real Madrid Fundation Experience и да го организираме првиот интернационален фудбалски камп во Македонија, најголемиот досега спортски настан што ќе се случи во нашата држава. Тоа е голема работа за нас како компанија, но пред се одлична можност за фудбалските вљубеници, за сите дечиња учесници кои ќе имаат можност да искусат и осетат како е да си дел од најдобрите на светот. Со нетрпение ќе го очекуваме јуни и нашето другарување. Пет дена ќе тренираме и учиме фудбал, ќе бидеме позитивни, ќе поставуваме нови цели, ќе се едуцираме што значи здрава и правилна исхрана, ќе развиваме тимски дух и дисциплина, како предуслов за успех во спортот и во животот“, изјави Влатко Тодев, претставникот на компанијата „Спорт Арена“, организатор на кампот.

Кампот „Campus Experience“ ќе ги запази сите стандарди во кои децата учесници се во фокусот на проектот, односно од него треба да излезат како добри луѓе и уште подобри фудбалери. За ова да се оствари, на кампот ќе работат исклучиво сертифицирани тренери од Реал Мадрид Фондацијата, спроведувајќи оригинални методи низ дневните тренинзи и натпревари, а на крај учесниците ќе добијат и официјални сертификати за учеството. Поради сето ова, овој фудбалски камп се смета за камп со најголема репутација во светот.

Согласно стандардите на Реал Мадрид Фондацијата, на секои 20 учесници ќе има по еден тренер. Дополнително, во рамки на едукацијата ќе учествуваат и други предавачи, како од Шпанија, така и од Македонија. Дел од планот се аниматори кои ќе го организираат слободното време на учесниците меѓу тренинзите.

Кампот ќе биде достапен за момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години. Плаќањата ќе бидат достапни на повеќе рати преку банкарски институции, а дополнително, партнерите на овој камп за секој учесник ќе обезбедат големи бенефити почнувајќи од оригиналната спортска опрема (комплет од дрес, шорцеви, штуцни, капа, ранец и фудбалска топка), како и голем број ваучери, повластици и попусти за секој пријавен на кампот од страна на спонзорите.

„Овој интернационален фудбалски камп ќе се спроведе на фудбалските терени на тренинг – центарот „Петар Милошевски“, поради што сакаме да изразиме голема благодарност на Фудбалската федерација на Македонија и на залагањата шти ги прави за унапредување на младинскиот фудбал во нашата земја. Носител на официјалната лиценца е македонската компанија „Спорт Арена“, која на својата бев страна www.sportarena.mk и преку кол центарот ќе нуди подетални информации за сите заинтересирани.

„Особено ни значи кога сериозна и успешна компанија, во случајов една од најуспешните во Македонија, компанијата „Кожувчанка“ можеме ја претставиме како генерален спонзор на првиот интернационален фудбалски камп насловен „Campus Experience Real Madrid Fundacion“, истакна Влатко Тодев.

Цената за учество на овој камп, кој ќе се одржи од 11 до 15 јуни оваа година 18.990 денари за акредитација која му овозможува 8-10 часа (во зависност од временските услови) присуство на кампот во текот на денот (односно без сместување) или акредитација на 24 часа (при што се додадени и услугите за сместување, исхрана и трансфер) за цена од 26.990 денари. Одреден е попуст за двајца или повеќе учесници од едно семејство, како и за учесници кои поседуваат членска карта на Реал Мадрид, членска карта на Мадридиста.

Ќе биде отворен и телефонски број (078-462-622) за информации и пријавување за сите заинтересирани. Пријавувањето ќе се врши на официјалниот веб сајт на Фондацијата Реал Мадрид www.campusexperiencermf.com или во канцеларијата на бул. Александар Македонски бр.23 лок.10, која ќе биде отворена секој ден од 10-17 часот. Последниот рок за пријавување е 25 мај 2018 година.

Се вчитува...