Најголемиот малер во светскиот ракомет, пак се повреди

Вонсерискиот француски  ракометар, Матие Гребиј, нема среќа со повредите. Левиот бек на Монпелје и на француската репрезентација повторно се повреди и го очекува уште едно подолго отсуство од ракометните терени. На натпреварот против Нант, Гребиј доби удар во рамото и го напушти теренот со врзана рака. По лекарските прегледи утврдена е потешка повреда на десното шутерско рамо, која најверојатно ќе мора да биде санирана со операција, а тоа за францускиот ракометар ќе значи и нова неколкумесечна пауза.

Гребиј дефинитивно ќе го нема во составот на Монпелје во финалето од Купот на Франција против Нант што ќе се одигра викендов во Париз, а засега се уште е неизвесно колку ќе трае рехабилитацијата и кога ќе може повторно да се врати на терен.

Матие доби удар во десното рамо и заврши со скршеница на рамото. Операцијата изгледа, ќе биде неизбежна. Засега се уште не знаеме дали ќе биде опериран или не и колку ќе трае паузата. На Матие му дадовме време да размисли откако ќе ги помине сите дополнителни прегледи. Најголем проблем му е периодот на опоравување по сите тие операции“ – соопшти тренерот на Монпелје, Патрис Канаје за официјалниот сајт на клубот.

Матие Гребиј (26) поради повредите ги пропушти сите големи натпреварувања во последниве неколку години. Францускиот бек блесна на голема сцена со неколкуте добри настапи на СП 2015 во Катар, но потоа го повреди рамото и ја пропушти битката за медалите. Поради повреда го пропушти и ЕП во Полска во јануари 2016, потоа се врати на теренот, но пак се повреди и не можеше да настапи за Франција на ОИ во Рио де Женеиро.

Нов пех му се случи и во декември минатата година кога го повреди менискусот на дуелот од ЛШ против Чековски медведи, заврши на операција после што следуваше тримесечна пауза и пропуштен настап на СП 2017 во Франција. А, на сето тоа, сега доаѓа уште една повреда на десното рамо.

Се вчитува...