Наоми Осака ја отпиша Серена Вилијамс на стартот во Мајами

Јапонската тенисерка, Наоми Осака ја елиминира Серена Вилијамс во 1.коло на Мастерс турнирот во Мајами. Осака славеше лесна победа во два сета, со 6-3, 6-2.

По едногодишна пауза по породувањето, Серена пред десетина дена се врати на тениските терени и настапи на турнирот во Индијан Велс каде беше поразена во 3.коло од нејзината сестра Венус. На тој настап се покажа дека некогаш најдобрата тенисерка во светот се уште е далеку од старата форма. Тоа се потврди и на првиот меч во Мајами на кој  Серена Вилијамс беше немоќна против извонредната Јапонка на која и требаа само еден час и 18 минути за да забележи сигурна победа во два сета.

Следна противничка на Осака ќе и биде четвртата носителка, Елина Свитолина.

Покрај Осака, пласман во второто коло во Мајами обезбеди и Белорусинката Викторија Азаренка. Таа на стратот беше поуспешна од Американката Кетрин Белис со 2-0 по сетови. И за Азаренка која моментно се наоѓа на 186.место на ВТА листата, ова е повратничка сезона по тешката повреда на раката.

Се вчитува...