Наследник на Чаби Алонсо – Толисо потпиша за Баерн

Баерн Минхен продолжува да го комплетира германскиот дрим-тим кој ќе има за цел не само да стигне до двојна круна на домашната сцена, туку и повторно да го нападне врвот во Лигата на шампионите. По Руди и Суле од Хонфехајм, како и Гнабри од Вердер, баварскиот гигант денеска го потпиша и првото засилување надвор од Бундес-лигата, Корентин Толисо, кој пристигнува од редовите на Лион.

За услугите на Толисо се интересираше и Челси, но баварците експресно ги договорија деталите, најпрвин нудејќи 40 милиони евра до Лион, а потоа експресно наоѓајќи заеднички јазик и со самиот фудбалер. Толисо на својот твитер профил се пофали и со фотографија од потпишаниот договор, па сега останува само уште Баерн официјално да го потврди овој мултимилионски трансфер.

Францускиот играч за врска лани играше како плејмејкер во Лион, но баварците не кријат дека го носат за да ја пополни позицијата како последен играч за врска, што останува испразнета по пензионирањето на Чаби Алонсо. Тоа е позиција на која Толисо одлично се снаоѓаше до пред две сезони и која важи за омилена на 22-годишниот фудбалер, кој сигурно ќе му биде од огромна помош на тренерот Карло Анчелоти.

Се вчитува...