Нацева: Како да е денеска, се сеќавам на секој момент од тој 19. мај 2002!

Капитенот на Кометал ЃП, Гордана Нацева на прославата на одбележувањето на јубилејот по повод 15-годишнината од европската шампионска титула ги сподели своите сеќавања за тој 19. мај од 2002 година кога сонот стана јаве…

„Прекрасно се чувствувам и денес кога ќе се сетам на тој ден. Не можам да поверувам дека минале 15 години. 19. мај е еден од трите датуми кои најмногу ми значат во мојот живот. Сега од оваа дистанца ми се чини како да сме биле одбрани да го направиме тој успех, и ние, и моментот, и навивачите и фамилијата Костовски која сето тоа ни го овозможи. Гледам од денешен аспект колку е тешко да се постигне сето тоа“ – вели Нацева.

IMG_1865

Гордана Нацева се потсетува на секој миг од тој ден…

„Се сеќавам на секој миг од тој ден. Од карантинот на Средно Водно, од моментите кога тлееше нервозата и на доручекот и на ручекот. Потоа пред натпреварот дојде кај нас господинот Трифун Костовски, кој многу добро знам како не охрабри. Ни даде дополнителен елан, и силно мотивирани се впуштивме во салата во Кале. Се сеќавам дека беше пеколно во салата… Навивачите ја исполниле салата уште два часа пред почетокот на мечот, а уште толкав број и пред неа. Одигравме феноменално. Пред неколку денови се сретнав и со тогашниот претседател на Ференцварош, кој призна колку моќна екипа беше Кометал. Ја освоивме титулата, а по натпреварот заврна. Но, тоа никому не сметаше. Ние директно од сала, и нетуширани, отидовме на плоштад…, а таму пред 30-40.000 луѓе ги доживеав најубавите моменти во мојот живот. Тогаш Македонија живееше за Кометал, беше обединета, знаевме што сакаме и затоа успеавме. Благодарност до фамилијата Костовски за сето тоа што ни се овозможи, благодарност и до целата македонска јавност и до медиумите кои секогаш беа со нас пружајќи ни максимална поддршка. Колку е тешко да се стигне до таков успех потврдува и фактот што ете сето тоа не е повторено во Македонија цели 15 години“.

Се вчитува...