Наумоски: Давитков е полн погодок за македонската репрезентација!

Претседателот на Македонската Кошаркарска Федерација, Петар Наумоски, не го криеше задоволството од реализираниот договор со Јорданчо Давитков за екс-селекторот повторно да застане на чело на нашиот национален тим. Наумоски е убеден дека изборот на Давитков е вистинскиот за враќање на репрезентацијата на победничките патеки, а договорот е постигнат на две години, со еден единствен услов.

Морам да бидам задоволен бидејќи од самиот почеток сакав квалитетен македонски тренер да ја води репрезентација и верувам дека со ангажманот на Давитков го остваривме токму тоа. Тој истовремено ќе остане во Дубаи со работа со својот сегашен клуб, а договорот со нас му е на две години, со единствен услов да ја мине претквалификациската група и да обезбеди пласман во главните квалификации. Убеден сум дека Јорданчо Давитков е полн погодок за македонската репрезентација, тој е стратег што и претходно има многу помогнато на националниот тим. Сите многу добро знаете што се има сторено прво како играч, потоа и како тренер, не се сомневам дека повторно со својата работа ќе помогне во остварувањето на резултатите што ги очекуваме од репрезентацијата“ – изјави Наумоски за ЕКИПА.

Македонија во август ја очекуваат претквалификациите за СП 2019 во Кина, во кои нашата репрезентација се наоѓа во група со Естонија и со Косово, при што најдобрите две селекции ќе обезбедат пласман во главниот квалификациски циклус.

Се вчитува...