Назор: Важна е победата, но ова нека биде опомена

Тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор, изрази задоволство од остварената победа над Куманово. Хратскиот стратег сепак не може да биде незадоволен од играта на шампионот, кој си дозволи експресно да ја прокоцка создадената предност и да во пенал-завршница да се избори за триумфот.

Најважно во целата приказна е што ги освоивме бодовите, а сѐ друго ќе треба што побрзо да се заборави. Не изгледавме добро на теренот, ни недостасуваше острина, агресивност и комбинаторика поради што средбата влезе во една непријатна фаза за нас во која ја загубивме стекнатата предност. Ова не е првпат нешто вакво да ни се случи, поради што е клучно да сфатиме дека во секој момент треба да имаме респект кон позитивата, нешто што го немавме во дуелот со Куманово. Непотребно му дозволивме на противникот да дојде на само еден поен разлика во самата завршница и среќа е што успеавме да останеме мирни и да ја приведеме средбата кон победничките води. Овој меч треба да биде своевидна опомена за сите нас дека во Суперлигата нема слаби противници и дека никого не треба да потцениме и дека во секој натпревар мора да влеземе максимално мотивирани и ангажирани бидејќи без тоа нема да може да дојдеме до посакуваната цел“, изјави Назор.

Стручниот штаб, сепак, нема време за поголема анализа на вчерашната реприза од ланското плејоф-финале, со оглед што веќе задутре го отвораме вториот дел од Суперлигата и тоа со гостување на големиот должник, Фени индустри, кој неодамна токму во Кавадарци го елиминираше МЗТ Скопје во полуфиналето од Купот на Македонија.

Се вчитува...