НБА „лудилото“ започнува вечерва, кој ќе му застане на патот на Голден стејт?

Претсезонските подготовки завршија пред три дена, a ноќeска во 02:00 часот по полноќ започнува новата сезона во најелитната кошаркарска лига во светот. На стартот се закажани два премиерни, дерби натпревари. Во источната конференција пред нас е дуел помеѓу реновираниот тим на Бостон селтикс и вицешампионот Кливленд кавалирс, додека актуелниот првак Голден стејт вориорс го пречекува тимот на Хјустон рокетс.

Како прв фаворит за шампионската титула се смета Голден стејт, тимот кој е предводен од ѕвездите Стеф Кари, Кевин Дурант и Дрејмонд Грин. Очекувањата од сите љубители на кошарката се дека „воините“ ќе ја одбранат титулата, но за разлика од минатата сезона, ќе имаат поголема и посилна конкуренција. Непишано правило е дека потешко е да се одбрани титулата, отколку да се освои посакуваниот пехар, а нивниот предводник, Стив Кер со речиси истиот состав од лани ќе се обиде да направи нешто што не им успеа на Вориорс во сезоната 2015/2016.

Секако, прв тим кој ќе се обиде да ја расипе „забавата“ на Голден стејт е Леброн Џејмс и неговиот Кливленд. „Кралот“ повторно во улога на агент влијаеше врз новите засилувања на „кавалерите“. Џејмс го повика Двејн Вејд, човекот со кој беа страв и трепет кога во Мајами хит, а како поддршка за организирање на нападите пристигна и поранешниот МВП, Дерик Роуз. Во текот на летниот период Кливленд остана без главниот организатор на играта, Кајри Ирвинг, но за возврат доби плејмејкер од ист калибар, Ајзеа Томас. Токму овие двајца бекови вечерва ќе бидат во центарот на вниманието во „Ти-Ди Гарден“.

Sep 25, 2017; Oklahoma City, OK, USA; Oklahoma City Thunder forward Paul George (13), guard Russell Westbrook (0) and forward Carmelo Anthony (7) pose for photos during the Oklahoma City Thunder Media Day at Chesapeake Energy Arena. Mandatory Credit: Mark D. Smith-USA TODAY Sports

Откако тимот на Оклахома сити тандерс минатата сезона беше носен на грбот од Расел Вестбрук, раководството одлучи да направи реформи во франшизата за повторно да направи состав, кој ќе биде конкурентен на западот и воопшто за НБА тронот. Пол Џорџ пристигна како огромно засилување, најавен како замена за Кевин Дурант, а на големо изненадување се приклучи и Кармело Ентони. „Громовите“ сега имаат квалитетно трио Вестбрук – Џорџ – Ентони, и ќе пркосат на секој тим кој ќе се обиде да им ги расипе високо поставените цели за оваа сезона.

Во големата „четворка“ од фаворити се додаде и обновениот Бостон селтикс. Колку ќе се покаже „среќна“ замената Ирвинг – Томас, ќе се знае дури пред почетокот на разигрувањата. Со Ал Хорфорд и летното засилување од Јута џез, крилото Гордон Хејворд Бостон ќе се обиде да ги врати старите, славни денови на франшизата. Најтрофејниот клуб во историјата на НБА постави високи цели за сезоната, јасно е дека ќе се обиде да го спречи Кливленд да обезбеди четврти последователен пласман во големото финале.

collageteobog

Од оваа сезона во елитата ќе имаме можност да ги гледаме и Милош Теодосиќ и Богдан Богдановиќ. Долго време се чекаше Тео да одлучи да заигра на америчките кошаркарски терени, па како замена за Крис Пол во Лос Анџелес клиперс, со своите неверојатни додавања ќе им надоместува на Блејк Грифин и Деандре Џордан. По иницијатива генералниот менаџер на Сакраменто кингс, Владе Дивац, во редовите на „кралевите“ пристигна спрскиот снајпер, Богдан Богдановиќ. Екс-кошаркарот на Фенербахче ја предводеше својата репрезентација до среброто на Евробаскетот, а фановите на неговиот нов тим очекуваат од него да ја превземе улогата на предводник.

Легендарниот кошаркар, сегашен ТВ коментатор, Чарлс Баркли имаше свое видување за почетокот на новата сезона, па со сарказам коментираше како ќе се одвива регуларната сезона.

„Следуваат седум месеци глумење и преправање. Ќе мора да кажувам како некои тимови конкурираат за тронот и дека некој може да го запре Голден стејт, но сите знаеме дека финалето ќе биде реприза од лани“, изјави Баркли.

НБА натпревари 18. октомври:

Бостон селтикс – Кливленд кавалирс, 02:00 часот

Голден стејт вориорс – Хјустон Рокетс, 04:30 часот

 

Се вчитува...