Не е сè мрачно: Петте македонски БЛЕСОЦИ во 2016 година - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
26/06/2017 17:17
Коментари
26/06/2017 14:20
Кошарка
26/06/2017 12:31
Фудбал
26/06/2017 10:05

Не е сè мрачно: Петте македонски БЛЕСОЦИ во 2016 година

Не е сè мрачно: Петте македонски БЛЕСОЦИ во 2016 година

Не беше се мрачно на спортски план во 2016 година, имаше и блескави моменти, од кои ние ги избравме петте во кои македонската јавност најмногу уживаше во претходните 12 месеци.

ОДИМЕ НА ЕП ВО ФУДБАЛ

blagoja milevski u21 makedonija island

По 25 години чекање, конечно дочекавме една фантастична фудбалска генерација. Младите асови импресионираа во текот на целиот квалификациски циклус, за на крај со победата над Шкотска, но и џиновската услуга на Украина по триумфот над Исланд, Македонија конечно да добие национална селекција што ќе учествува на едно Европско Првенство во фудбал.

Боби Милевски уште еднаш ја покажа својата тренерска големина, додека за имињата на Барди, Бабунски, Демири, Николов, Алексовски… допрва ќе слушаме и на сениорско ниво.

АЛКАЛОИД СТАНА ЕВРОПСКИ ШАМПИОН ВО ШАХ

zivko mukaetov so sahisti na alkaloid

Шахистите на Алкалоид остварија историски успех откако на Европскиот Клупски Куп во Нови Сад се закитија со златниот медал, прво вакво одличје во историјата на македонскиот шах.

Пресреќен сум што сме тука вечерва заедно да прославиме еден огромен успех. Во годината во која Алкалоид како компанија прославува 80 години од своето постоење, а шаховскиот клуб „Алкалоид“ 40-годишнина, остваривме историски успех со освоената титула. Македонија има европски шампион, сите сме многу горди на тоа. Имавме пред себе петгодишен план во кој како крајна цел ја зацртавме европската титула, и самиот сум изненаден што дојдовме до неа нешто порано од очекувањата, но тоа ја прави радоста поголема“ – изјави првиот човек на Алкалоид, Живко Мукаетов, при прославата на историскиот успех.

„ЛЕТЕЧКИОТ МАКЕДОНЕЦ“ ЈА ОСВОИ ИМОЛА

idze

Игор Стефановски Иџе потврди дека е амбициозен возач откако по претходната доминација во шампионатот на ридски патеки реши да се испроба и во ЕТЦЦ шампионатот. Конкуренцијата во овој ранг е далеку посериозна, но Стефановски покажа дека е дел од тоа елитно друштво откако триумфираше на трката во Италија, и тоа на легендарната патека „Имола“ на која на подиумот подоцна го развеа македонското знаме.

Иџе ја почна трката од четвртото место, но веќе на стартот успеа да се искачи на второто место, зад Крис Ричард. Македонецот извозе перфектна трка, па нешто подоцна најде начин и да го мине Ричард, по што не дозволи победата да му биде загрозена, стигнувајќи до историски успех во овој силен ранг на натпреварување.

ЛИНА ЃОРЧЕСКА НА ПРАГОТ НА ГРАНСЛЕМ ТУРНИРИТЕ

Lina Gjorceska so torta

Лина Ѓорческа е новата македонска тениска хероина, откако растот на формата од претходните години кулминираше во овие 12 месеци. Лина освојуваше трофеи и во поединечна конкуренција и во двојки, рангот на турнирите растеше како што минуваа, па на крајот на годината дочекавме македонската тенисерка да се најде на чекор до пласман на еден гранслем турнир – конкретно УС Опен. Поразот во Њујорк никако не смее да ја обесхрабри Ѓорческа, која е свесна дека времето работи за неа, а во 2017 сите очекуваме уште подобри резултати.

Нејзиниот настап на гранслем турнирите е само прашање на време, па Лина ќе учествува и на квалификациите за претстојното издание на Австралија опен, како најава за уште поголеми успеси од 2016 година.

ПАНДЕВ ПОБЕДИ НА ТРКА НА ОИ ВО РИО 

riste pandev print

Стануваше збор за квалификациска трка, но кога сте земја без ниту еден спортист со олимписка норма и тоа е огромен успех. Цела нација се израдува кога Ристе Пандев прв ја мина целта во извонредната трка и се пласираше во следната квалификациска рунда. Победата му овозможи да трча во иста трка крај Џастин Гетлин, во неа Македонецот беше последен, но тоа воопшто не го наруши одличниот впечаток што Пандев го остави во Рио де Жанеиро.

Напомена: Ова се блесоци кои навистина не изненадија пријатно…Секако, имаа македонските спортисти и други врвни резултати, пред се во каратето, но тоа е спорт кој веќе по традиција ни носи успеси…Сега имаме и други херои…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.