Немоќ и очај: Металург потопен среде Скопје од Бешикташ

Металург го демонстрираше сиот свој немоќ на денешниот дуел со Бешикташ, губејќи на домашен терен во второто коло од Лигата на шампионите со резултат 27-31. Лино Червар делуваше без идеја против еден од најслабите ривали во групата, не успеваше ниту играта „седум на шест“, а голманите и одбраната беа далеку од посакуваното ниво. При едно такво очајно издание, во кое светла точка беа само завршните моменти од првото полувреме (од 10-14 Металург стигна до 14-14), поразот беше неизбежен, дури и од ривал како Бешикташ кој по нивото на игра и квалитетот е далеку под она што го прикажуваше во претходните сезони.

Уште од самиот почеток македонскиот претставник се соочи со огромни проблеми, откако Бешикташ за кратко време поведе со 1-3. Во главна улога беше турскиот голман Карим Хендави, кој за неполни осум минути одбрани четири удари (меѓу кои, еден зицер од контранапад и еден пенал). При резултат 3-6 Червар се реши за напад „седум на шест“, набрзина намали на 5-6, но потоа уследија грешките и Бешикташ набрзина се врати на „плус три“. „Металурзите“ во меѓувреме промашија уште два седмерци пред Палевски од четврт обид на својот тим да реализира за 10-11, но потоа следеа грешки, па уште еден гол во празна мрежа за водство на Бешикташ од најубедливи 10-14.

Металург конечно се разбуди во финишот од полувремето, па за само неколку минути стигна до 14-14 (со два гола од контранапад на Илиќ), одличен резултат ако се знае дека голманите на македонскиот вицепрвак за 30 минути немаа ниту една единствена интервенција, а мал куриозитет е фактот дека судиите не исклучија ниту еден ракометар од двете екипи.

Metalurg - Besiktas 2

Македонскиот тим веќе на стартот од вториот дел поведе со 115-14 со новиот седмерец на Палевски, а Арсиќ во 34. Минута ја имаше првата интервенција. Наивно беше загубена топка при напад при водство од 16-15, по што веќе во следниот напад Филип Кузмановски заработи исклучување од две минути. Анѓелиќ даде два гола во значајни моменти, а Кузмановски веднаш по враќањето на теренот погоди од полуконтра, за прво водство на Металург од два гола разлика (19-17). Сепак, оваа позитива експресно се истопи, па на 15 минути до крајот Прибак стрелаше прецизно за ново водство на турскиот првак (22-23).

Червар го повлече Јагањац, но Металург тогаш стана уште поконфузен во нападот, па Бешикташ пведе со 23-25, а македонскиот тим не го искористи ниту исклучувањето на Крсманчиќ, прво за турскиот тим на овој натпревар. Јагањац, кој дотогаш постигна шест погодоци, се врати на десет минути пред крајот при 23-25, но Мартин Велковски продолжи со своето катастрофално издание со уште една подарена топка во рацете на противникот, за нов гол од контранапад за водство на гостите од 23-26. Бродот целосно потона, наместо камбек бевме сведоци на нови грешки на „металурзите“ и зголемување на предноста на противникот, па во последните пет минути се влезе со водство на Бешикташ од 24-29.

Metalurg - Besiktas 4

Јагањац со својот осми гол намали на 25-29, но Бешикташ не дозволи неизвесен финиш, рутински ги одигра завршните минути и на крајот заслужено славеше со конечни 27-31.

Јагањац со осум гола беше прв стрелец на Металург при денешниот пораз, Кузмановски и Илиќ постигнаа по четири, а Гуглета и Палевски по три погодоци за македонскиот вицепрвак. Екс-репрезентативецот на Македонија, Немања Прибак, со шест гола беше меѓу најдобрите поединци во редовите на Бешикташ.

Металург и во рамките од третото коло од ЛШ повторно е домаќин, овојпат против португалскиот Спортинг Лисабон, меч што на програмата е наредната сабота.

Се вчитува...