Несторовски е повеќе од напаѓач, тој е капитен, лидер на Палермо…

Илија Несторовски досега постигна само два погодоци за Палермо во рамките од Серија Б, но македонскиот ас ги собира комплиментите на италијанската јавност поради посветеноста со која го носи дресот на сицилијанскиот клуб и желбата да помогне овој клуб експресно да се врати во елитното фудбалско друштво на Апенинскиот полуостров. Весникот „Кориере дело спорт“ во своето денешно издание најави дека новиот договор за Македонецот е подготвен, се со цел да се спречи негово заминување во текот на јануарскиот преоден рок.

Актуелниот договор на 27-годишниот Македонец истекува во јуни 2019 година, но Палермо планира да му понуди соработка до 2021.

Новиот договор е подготвен. И постои причина. Претходно Илија Несторовски беше само „бомбардер“, сега е главен играч, капитен, лидер, предводник на имиџот на тим што се мачи и што сака повторно да цели високо. А Палермо ќе го „блиндира“ од пазаров јануари потпишувајќи нов договор, се со цел сицилијанскиот клуб што поскоро да се врати во Серија А“ – пишува во „Кориере дело спорт“.

Нестор-гол ги собра симпатиите на целокупната сицилијанска јавност со одлуката донесена летово, и покрај бројните понуди да останe во својот клуб. „Палермо, ќе те вратам во Серија А“ – најави Македонецот по испаѓањето и го исполни првиот дел од ветувањето, останувајќи за да помогне за камбек во елитата.

А Италијанците знаат да ја ценат лојалноста. Не само навивачите, туку и управата, која ќе го награди Несторовски со нов побогат договор, во период кога повторно почнуваат да кружат шпекулации за интерес на Евертон и на уште неколку клубови.

Се вчитува...