Незапирливиот Барди има повеќе голови од Роналдо и од Суарез

Енис Барди продолжува со извонредните настапи во Примера дивизион. Доведен од Ујпешт во текот на летниот преоден рок, македонскиот ас важи за еден од хит-фудбалерите во елитното шпанско фудбалско друштво откако синоќа против Еибар го постигна својот четврти погодок сезонава. Специјалист за изведување на слободни удари, но Барди два од овие четири погодоци постигна од игра (против Валенсија и Еибар), покажувајќи дека е исклучително опасен и кога ќе втрча во противничкиот шеснаесетник.

Фановите на Леванте се горди што го имаат Македонецот во своите редови, па по вчерашниот погодок потенцираа дека нивниот миленик сезонава има постигнато повеќе голови во Примера од Луис Суарез од Барселона и од Кристијано Роналдо од Реал Мадрид. Суарез се соочува со голгетерска криза и само три пати се има запишано меѓу стрелците, додека Роналдо игра под своите можности откако ја одлежа суспензијата на стартот од сезонава и само еднаш ја има затресено противничката мрежа на средбите од Примера.

На врвот на листата на стрелци се наоѓа Лионел Меси со 12 гола, пред Симоне Заза со девет погодоци. Рамо до рамо со Барди се наоѓаат искусниот Адуриз од Атлетик Билбао, потоа Кореа од Атлетико Мадрид и Јаго Аспас од Селта.

Се вчитува...