Никој не може да ги приземји „ракетите“ од Хјустон

Кошаркарите на Хјустон продолжуваат со одличните настапи во НБА-лигата, триумфирајќи на гостувањето во Оклахома сити со 112-122, за 16. победа во низа на овој тим. „Ракетите“ остануваат со најдобар скор во лигата, но и на теренот делуваат беспрекорно, па со право токму на нив се гледа како на најсериозен ривал на Голден стејт за титулата. Оклахома сити не беше нималку наивен противник, но Хјустон уште во првото полувреме дојде до солидна предност од 45-54 и го контролираше мечот до самиот крај.

Крис Пол беше најефикасен со 25 поени, Харден имаше 23 поени, 11 асистенции, но и дури 10 загубени топки. На домаќините не им помогна ниту одличното издание на Вестбрук, кој постигна 32 поени.

Голден стејт во меч со многу пресврти сепак успеа да триумфира над Бруклин со 114-101. Шампионот ја доби првата четвртина со 35-19, но потоа Бруклин заигра фантастично во вториот период и го доби овој дел од мечот со 34-13. На крајот сепак пресуди класата на „воините“, кои подобро се снајдоа во преостанатите 24 минути и стигнаа до очекувана победа. Стеф Кари го предводеше Голден стејт со 34 поени, Дурант постигна 19, а Томпсон 18 поени.

Њу Орлеанс ја забележа деветтата победа во низа откако го освои Лос Анџелес на гостувањето против клиперси со 116-121, а за одбележување е и новото одлично издание на Лилард, откако плејмејкерот на Портланд погоди осум тројки за вкупно 37 поени во победата над Њујорк никс.

Резултати НБА:

Шарлот – Филаделфија 114-128, Торонто – Атланта 106-90, Вашингтон – Мајами 117-113 (по прод.), Оклахома сити – Хјустон 112-122, Далас – Денвер 118-107, Портланд – Њујорк 111-87, Голден стејт – Бруклин 114-101, ЛА клиперс – Њу Орлеанс 116-121.

Се вчитува...