Никола Калиниќ ја зеде „седумката“ во Милан

Милан и официјално го претстави новото засилување, Никола Калиниќ. Хрватскиот голгетер иако потпиша четиригодишен договор, сезонава ќе ја мине како позајмен играч на Фиорентина, а „росонерите“ следното лето ќе треба да исплатат 25 милиони евра на клубот од Фиренца.

29-годишниот напаѓач ја превзеде одговорноста да ја носи легендарната „7-ца“ на Андриј Шевченко.

Репрезентативецот на Хрватска е единаесеттиот фудбалер кој пристигна на „Сан Сиро“ за овој трансфер период. Спортскиот директор на Милан, Марко Фасоне е среќен со доаѓањето на Калиниќ, најавувајќи дека тимот е комплетиран.

„Донесовме 11 засилувања. Имавме доста стресно лето, но среќни сме со постигнатото досега. Мило ми е што Калиниќ го одбра Милан, како што и претходно имаше изразено желба да го облече овој дрес. Му посакуваме среќа и успех во неговата нова средина“, изјави Фасоне.

Во дресот на Фиорентина постигна 33 гола на 84 натпревари откако пристигна во 2015 година. За него се интересираше и Евертон, но според Калиниќ, единствена опција беше Милан и останувањето во Серија А.

 

Се вчитува...