Голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски од Бенфика се сели во романска Констанца. Митревски потпиша двегодишен договор во кој веќе подолго време игра и поранешниот македонски репрезентативец, Бранислав Ангеловски.
По истекот на договорот со Бенфика, името на Никола Митревски се поврзуваше со повеќе клубови. Репрезентативниот голман на својот гол сакаше да го врати и Пелистер, но Митревски сепак, одлучи да ја продолжи интернационалната кариера и наместо во Битола се сели во Констанца.
„После две години во Бенфика, сакав нешто поамбициозно, почувствував дека ми треба промена и по истекот на договорот, решив да заминам. Имав неколку добри понуди, но ја одбрав оваа од Констанца бидејќи имаат високи цели за следната година, добар проект и одлични играчи. А, големо влијание да ја одберам токму Констанца имаше и тоа што таму се Ангеловски и Ракчевиќ, со двајцата сум близок пријател и покрај нив ќе ми биде многу полесно да се вклопам во новата средина. Имав понуди и од македонски екипи, но сакав да се пробам во романското првенство и затоа се одлучив за понудата од Констанца“ – вели Никола Митревски.
Со тоа македонската колонија во Романија ќе добие уште еден македонски репрезентативец. Покрај Бранислав Ангеловски, подолг период во Романија е и Горан Кузманоски, а во составот на Одорхеи минатата сезона настапуваа и Гоце Ојлески и Милорад Кукоски. Во ЧСМ Букурешт е поранешниот македонски селектор Звонко Шундовски и репрезентативното крило Гоце Георгиевски, а во дресот на Темишвар играа Филип Лазаров и Златко Даскаловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА