Никола Митревски во наредните две сезони на голот на Констанца

Голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски од Бенфика се сели во романска Констанца. Митревски потпиша двегодишен договор во кој веќе подолго време игра и поранешниот македонски репрезентативец, Бранислав Ангеловски.

По истекот на договорот со Бенфика, името на Никола Митревски се поврзуваше со повеќе клубови. Репрезентативниот голман на својот гол сакаше да го врати и Пелистер, но Митревски сепак, одлучи да ја продолжи интернационалната кариера и наместо во Битола се сели во Констанца.

После две години во Бенфика, сакав нешто поамбициозно, почувствував дека ми треба промена и по истекот на договорот, решив да заминам. Имав неколку добри понуди, но ја одбрав оваа од Констанца бидејќи имаат високи цели за следната година, добар проект и одлични играчи. А, големо влијание да ја одберам токму Констанца имаше и тоа што таму се Ангеловски и Ракчевиќ, со двајцата сум близок пријател и покрај нив ќе ми биде многу полесно да се вклопам во новата средина. Имав понуди и од македонски екипи, но сакав да се пробам во романското првенство и затоа се одлучив за понудата од Констанца“ – вели Никола Митревски.

Со тоа македонската колонија во Романија ќе добие уште еден македонски репрезентативец. Покрај Бранислав Ангеловски, подолг период во Романија е и Горан Кузманоски, а во составот на Одорхеи минатата сезона настапуваа и Гоце Ојлески и Милорад Кукоски. Во ЧСМ Букурешт е поранешниот македонски селектор Звонко Шундовски и репрезентативното крило Гоце Георгиевски, а во дресот на Темишвар играа Филип Лазаров и Златко Даскаловски.

Се вчитува...