Николиќ: Ние победивме родени победници, горд сум на мојот тим

Тренерот на Карпош соколи, Драган Николиќ е среќен за пласманот на неговиот тим во финалето, но посреќен е што неговите избраници победија еден тим составен од играчи со победнички менталитет, огромно искуство и богати кариери. Николиќ им честиташе за прикажаната игра на Работнички на сите три средби, знаеше дека нема да биде лесно против клубот од „Градски парк“.

„Прво да им честитам на Работнички за отпорот. Горд сум што мојот тим победи играчи кои се родени победници, имаат огромно искуство и богати кариери. Од Чекоски, Мираковски, Тасевски па се до Илиевски и тренерот Докузовски, тие се навистина великани на македонската кошарка, потребни се на оваа лига и се надевам дека уште долго ќе траат. Сега нашите мисли се свртени кон финалето, ова е трет најголем успех за овој клуб во кратко време, им го подарувам на најупорните луѓе кои навистина се трудеа да го оствариме ова. Тоа е Огњен Дедиќ, претседателот на клубот, со кого сум пријател веќе 20 години и понатаму ќе останем, без разлика дали сум јас тренер на Соколи или не. Сега сме на професионално ниво и јас како тренер, како многу посветен човек на работата му честитам што успеа да го направи Карпош голем клуб. За финалето ќе зборуваме кога ќе дојде време“ – истакна Николиќ по завршувањето на последната средба со Работнички за оваа сезона.

Се вчитува...