Николиќ: Објективно гледано – во моментов сме поквалитетни од Фени

Драган Николиќ одлучи да ги одмори Доминик Мавра и Душан Кнежевиќ, но и покрај скратената ротација Карпош соколи успеа да запише важна победа во балканската БИБЛ лига. По одличниот старт со серија од 13-0 замре играта кај „соколите“, кошаркарите на Фени индустри успеаја да направат и пресврт, но во вториот дел на натпреварот домаќините се вратија во игра и одново ја вратија предноста во своја полза.

Тренерот беше видно незадоволен од играта на неговите избраници во првиот дел, а за време на полувремето тој успеа целосно да ги ’превоспита’.

„Не бевме баш мотивирани во првото полуврее освен на почетокот. Скратената ротација сигурно предизвикува и слаби партии. На полувремето имаше ’топол разговор’ помеѓу мене и моите играчи, користев многу благи зборови и тие чувствуваа некоја обврска да го доиграат натпреварот и во второто полувреме професионално си ја завршија работата. Објективно, во моментов сме поквалитетни од Фени. И двете екипи максимално итро играа и покажаа дека се квалитетни. Одиме до крајот, до каде и да стигнеме. Во наредната фаза вкрстуваме со Тиват и Куманово. Не знам што да очекувам. Знаете дека нам сега друго ни е приоритет, но очигледно е јасно дека се прикажуваме во некоја многу добро светло и во БИБЛ. Денес се истрошивме, а за четири дена нè чека тешко гостување во АБА лигата. Не знам што да очекувам во наредната фаза на БИБЛ, ќе го играме секој натпревар како и  денес“ – истакна Николиќ.

Амбициите на кошаркарите се високи, останува уште добрите игри да го потврдат тоа, смета капитенот на „соколите“ Игор Пенов.

„Сакам да им честитам на Фени за добрата игра. Ги победивме на крајот со 15 разлика исто како што тие нас нè победија во Кавадарци. Сега заврши овој дел од групната фаза, одиме во вториот дел. Се надевам дека и таму ќе постигнеме добар успех за да влеземе во фајналфор, па што биде – нека биде. Ние како спортисти ќе се бориме до крајот, а аспирациите се дека би сакале да освоиме, одиме понатаму“ – дополни Пенов.

Се вчитува...