Николовски: Промашивме отворени шутеви, „соколите“ заслужено победија

Кире Николовски ја доби наградата за најдобар стрелец на овој завршен турнир, но македонскиот репрезентативец не го криеше разочарувањето по претрпениот пораз во големото финале.

Ќе ми беше помило да го кренам пехарот наместо оваа индивидуална награда. Карпош соколи ја заслужи оваа победа, има квалитетни играчи кои играат во силната АБА-лига, тоа им овозможи да стигнат до солидна предност и да ја задржат до самиот крај. Ние промашивме неколку отворени шутеви, дозволивме и офанзивни скокови, а искусниот тим на Соколи знаеше како да го искористи тоа и да стигне до победата“ – изјави Николовски.

Тренерот Љупчо Малинков им честиташе на противниците за заслужената победа.

Пред се честитки до тимот на Карпош соколи, заслужено го добија овој меч. На моменти имавме резултатска предност, но не можевме да издржиме. Загубивме со единаесет поени, немавме сили, ние имаме млада и неискусна екипа, малку не понесе и еуфорија, па не успеавме да ја повториме играта од првиот меч со МЗТ Скопје. За нас и пласманот во финалето е добар резултат, игравме добро во текот на целиот турнир, следен предизвик ни е пласманот во плејофот“ – изјави тренерот Малинков.

Се вчитува...