Ниту историскиот пласман не значеше ништо: Вардар еден од најнегледаните тимови во ЛЕ!

Вардар е еден од најнегледаните тимови во годинашново натпреварување во групната фаза од Лигата на Европа, според официјалните бројки на УЕФА за посетата на домашните натпревари, а компарирано со големината на стадионот. Македонскиот шампион го имаше на своја страна десеттиот по големина стадион од вкупно 48 тима колку што се натправаруваа во ЛЕ – „Филип Втори“ со капацитет од 33.460 седишта, но ниту тоа не помогна да биде барем во првата половина по гледаност во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

И покрај дебитантското свое учество во групите од Лигата на Европа, „вардарци“ не успеаја да го привлечат вниманието на домашната фудбалска јавност. Вардар на вкупно трите натпревари во Скопје, против Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг собра вкупно 38.210 гледачи. Тоа е една од најслабите посети на домашен терен во Лигата на Европа. „Црвено-црните“, што би се рекло, на три натпревари собраа едвај еден полн „Филип Втори“. Интересно, во 2012 година на натпревар од квалификациско коло за ЛШ, Вардар на дуелот против БАТЕ Борисов имаше посета од 30.500 гледачи!

Најгледан тим е пак белградска Црвена Звезда со вкупно 143.975 гледачи на своите три натпревари во Белград, пред Арсенал, Келн и Зенит.

Притоа, дополнително мора да се потенцира дека значајна ставка околу анализата претставува и капацитетот на стадионот. Има тимови кои имаа поголема посета на трите средби, а со далеку помали стадиони од оној кој Вардар го имаше на располагање!

Filip vtori da

Кој е виновен за ова потфрлање, одговор треба да дадат оние кои се платени за тоа – од раководството на Вардар. Согласно својата добра практика, управата на Вардар најчесто вината секогаш ја префрла на јавноста и медиумите… Сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко по онаа срамна бројка од 11.118 гледачи на првиот натпревар против Зенит самиот нагласи дека потфрлила ПР службата во клубот, за што ќе има корекции. Е, единствените „корекции“ потоа беа делењето гратиси каде и на кого ќе се стигне… Но, ниту тоа не помогна Вардар да привлече љубители на фудбалот. Па, на дуелот против Розенборг синоќа не успеа да ги донесе ниту оние кои претходно купиле блок билети за трите натпревари!

==============================================================

ВКУПНО ГЛЕДАЧИ НА ВАРДАР ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА:

Вардар – Зенит (11.118 гледачи)

Вардар – Реал Сосиедад (20.368)

Вардар – Розенборг (6.724)

ВКУПНО: 38.210 гледачи

====================================================================

НАЈГЛЕДАНИ ТИМОВИ ВО ГРУПНАТА ФАЗА ОД ЛЕ:

Црвена Звезда – 143.975 гледачи

Арсенал – 143.553

Келн – 135.400

Зенит – 134.894

Атлетик Билбао – 103.744

Лион – 102.790

АЕК – 84.054

Евертон – 71.624

Милан – 62.661

Реал Сосиедад – 59.330,…итн.

==============================================================

НАЈГОЛЕМИ СТАДИОНИ ВО ЛЕ ВО СЕЗОНАТА 2017/2018

Милан (капацитет: 80.180)

АЕК (68.079)

Марсеј (67.394)

Зенит (64.278)

Арсенал (60.260)

Лион (59.186)

Црвена Звезда (55.538)

Атлетик Билбао (53.332)

Келн (49.968)

Евертон (39.571)

ВАРДАР (33.460)

Партизан (32.710),…итн.

Се вчитува...