Норвешка е казнена експедиција, по Русија ја „здроби“ и Холандија

Актуелниот светски првак Норвешка е првиот финалист на ракометниот мундијал за жени што се игра во Германија, откако скандинавките во полуфиналната пресметка ја декласираа Холандија со убедливи 32-23. На сличен начин како и на четвртфиналната пресметка со Русија, Норвежанките повторно доминираа од почеток до крај, одржувајќи им лекција по модерен ракомет на своите противнички.

Сите дилеми беа решени за само десетина минути, откако Норвешка поведе со 8-1, а холандската селекторка дотогаш зеде и два тајмаути. Ситуацијата на теренот не се промени, Норвежанките продолжија да доминираат, па на одмор заминаа со 17-10 за фаворитот. Холандија во вториот дел дојде до 23-17, но тоа беше се што успеаја „лалињата“ да сторат, бранителките на трофејот стигнаа и до „плус десет“ за на крајот да триумфираат со девет гола разлика.

Нора Мерк со седум и Офтедал со шест гола беа најефикасни во норвешкиот состав, Лунде беше извонредна на голот, додека единствена светла точка кај Холанѓанките беше Ван дер Хејден, која постигна шест погодоци.

Се вчитува...