Норвежаните против Јапонија се загреваа за Македонија

Репрезентацијата на Норвешка, која ќе биде ривал на Македонија во осминафиналето од ракометниот мундијал, ја заврши групната фаза во Нант со четири победи и само еден пораз (од домаќинот Франција). Норвежаните вечерва имаа само полесен тренинг против селекцијата на Јапонија (38-23), меч што го искористија за атрактивна игра и убедлива победа, но и сочувување на дел од силите токму за пресметката со Македонија, закажана за сабота во Албервил.

Од самиот почеток стана јасно дека Јапонците немаат капацитет да се носат со скандинавските ракометари, по десет минути игра Норвешка водеше со 7-3, а предноста ја зголемуваше до крајот на полувремето (19-12), за Јапонија со два гола во финишот да намали на 19-14, резултат со кој се замина на одмор. Во преостанатите 30 минути норвешкиот селектор им даде заслужен одмор на дел од првотимците, но оваа селекција и со втора постава ја зголеми предноста, се до конечните петнаесет гола разлика .

Мирхолн со седум погодоци беше најефикасен кај Норвешка, пред Бјорнсен и Линдбо со по пет и Танген со четири гола, а одличен на голот на следниот ривал на Македонија беше Еспен Кристенсен со 19 одбрани.

Се вчитува...