Нов Американец во Карпош соколи

Ентони Колинс е изборот на раководството на Карпош соколи за нов плејмејкер на актуелниот вицешампион на Македонија. „Соколите“ беа во потрага по организатор на играта откако летово останаа без Пери и Мавра, а изборот падна токму врз 25-годишниот Колинс, со кого денеска беше потпишан договор на една сезона.

Станува збор за плејмејкер, за кого „соколите“ ќе бидат втора европска станица по завршување на универзитетската кариера, која ја заврши настапувајќи за Тексас АМ колеџот каде што имаше просек од 4,5 поени и 4,2 асистенции. Во професионалната дебитантска сезона, пак, во Словенија просечно реализираше 9,6 поени и 4,8 асистенции. Негови главни карактеристики се брзината и прегледноста на играта. Тројки не шутира често, но кога ќе го стори погодува со речиси 50-отстотна прецизност.

Колинс е вториот американски кошаркар во моментов кој има договорна обврска со Карпош соколи, по сонародникот Џејлон Браун. Нови членови на Карпош Соколи се и македонските репрезентативци Кирил Николовски и Стојан Ѓуроски, додека од минатата сезона остануваат Драган Лабовиќ, Дарко Соколов како и младите Дамјан Јакимовски, Иван Сапунџиев и Драган Бакоч.

Се вчитува...