Нов Американец во редовите на АВ Охрид

Кошаркарскиот прволигаш АВ Охрид продолжува со промените во играчкиот кадар, па по неколкуте заминувања во изминатиот период охриѓани се засилија со уште еден американски играч, кој би требало да биде од голема помош во борбата под обрачите.

Станува збор за Карлен Шејн, 23-годишен кошаркар кој има настапувано во романскиот шампионат како член на Динамо Букурешт, а во Охрид доаѓа од редовите на мексиканскиот прволигаш Индиос. Тој делува моќно со своите 208 сантиметри и 129 килограми и би требало да им биде од огромна помош на охриѓани во обид да го обезбедат опстанокот во лигата.

Шејн е второ засилување за кратко време меѓу „галебите“, откако пред десеттина дена ја официјализираа соработката со Девин Брукс кој имаше импресивен настап против Фени Индустри во Купот на Македонија.

Новиот Американец ќе дебитира во македонското првенство веќе во текот на утрешниот ден, кога Охрид ќе излезе на мегдан со екипата на Кожув.

Се вчитува...