Нов договор за Фирмино, Емре Џан пред заминување од Ливерпул

Роберто Фирмино е подготвен да потпише нов договор со Ливерпул, по успешните разговори што неговиот агент ги водел со управата на клубот од „Енфилд“. Актуелниот договор на бразилскиот голгетер истекува во јуни 2020 година, но Јирген Клоп има максимално високо мислење за Фирмино и инсистира што поскоро да биде договорено продолжување на соработката.

Се очекува Фирмино во следните триесетина дена и официјално да потпише нов договор со важност до 2022 година, за плата од 120.000 фунти неделно. Покрај него, нов договор ќе потпише и велшкиот суперталент Бен Вудбурн, кој ќе добие значително зголемување на платата штом ќе наполни 18 години подоцна во текот на овој месец. Тинејџерот веќе има десет настапи за тимот на Јирген Клоп, минатиот месец тој постигна клучен гол за Велс во квалификациите за СП 2018 и за очекување е во текот на сезонава тој да добива се поголема минутажа во екипата на „црвените“.

За разлика од Фирмино и од Вудбурн, Емре Џан воопшто не е во план за потпишување на нов договор иако стариот му истекува на крајот од оваа сезона. Преговорите за продолжување на соработката во моментов се прекинати и речиси сигурно е дека Џан на крајот од сезонава ќе си замине од „Енфилд“, а Германецот веќе во јануари ќе има право да преговара со клубовите што ќе сакаат да го доведат во своите редови наредното лето.

Се вчитува...