Нов меч, нов дебакл на Охрид во АБА2

Кошаркарите на Охрид во шестото коло од АБА2 лигата го претрпеа и својот шести пораз, повторно со двоцифрена разлика, овојпат на гостувањето во Србија против Динамик со резултат 102-69. Ниту овој натпревар не донесе ништо ново, охриѓани издржаа само едно полувреме, но потоа дојде до огромен пад во нивната игра, што резултираше со нов преубедлив пораз во регионалното натпреварување.

Динамик го контролираше резултатот од самиот почеток, но Охрид играше квалитетно во нападот, не дозволуваше домаќинот да се одлепи, па пред крајот дури и поведе со 18-19. Српскиот тим ја заврши првата четвртина со 22-21, а потоа кон средината на вториот период првпат посериозно се одлепи, поведувајќи со 38-30. Охрид покажа карактер и се врати до 38-36, но Динамик ја заврши четвртината со серија 5-0 и на одмор замина со „плус седум“ (43-36).

Отпорот на македонскиот тим беше скршен на стартот од третата четвртина, кога Динамик првпат поведе со двоцифрена разлика, за српскиот состав да ја зголемува предноста и во последните десет минути се влезе со резултат 76-59. Српските кошаркари продолжија да доминираат во нападот и во остатокот од мечот, минувајќи ја границата од 100 постигнати поени, за конечен триумф од 102-69.

Охрид во рамките од седмото коло ќе го пречека црногорскиот претставник Теодо.

Се вчитува...