Нов меч, нова убедлива победа на Блокотехна

Блокотехна продолжува со серијата одлични игри на стартот од сезоната, откако по двете победи во низа во домашното првенство тимот од Гевгелија го забележа и вториот триумф во БИБЛ, овојпат на домашен терен против Башкими (93-71). Како што можеше и да се очекува, косовскиот тим не беше достоен ривал за амбициозниот состав на тренерот Илиевски, кој знаеше како да создаде предност во раната фаза од мечот и потоа истата да ја одржува.

Горан Главчев постигна пет поени на самиот почеток и ја иницираше серијата од 12-0 со која македонскиот претставник го отвори натпреварот, позитива што потоа Блокотехна ја одржуваше до крајот на четвртината (24-13). Македонскиот прволигаш на средината од вториот период имаше двојно повеќе поени од противникот (36-18), предност по која гостите немаа никаква шанса да се вратат. Блокотехна искусно ја одржа предноста до самиот крај, се до конечните 93-71.

Данило Мијатовиќ беше одличен со 27 поени, Бенџамин постигна 20, а Главчев учествуваше со 15 поени во новата победа на Блокотехна.

Избраниците на Марјан Илиевски во третото коло ги очекува гостување во Софија против екипата на Левски.

Се вчитува...