Нов триумф над Целје - Вардар е пресилен за ривалите во СЕХА - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
23/03/2017 18:35
Фудбал
23/03/2017 18:21
Фудбал
23/03/2017 18:10
Фудбал
23/03/2017 15:42

Нов триумф над Целје – Вардар е пресилен за ривалите во СЕХА

Нов триумф над Целје – Вардар е пресилен за ривалите во СЕХА

Вардар ја забележа и единаесеттата победа во рамките од СЕХА-лигата откако вечерва славеше на дуелот против Целје со 33-31. „Црвено-црните“ уште еднаш се покажаа како пресилен ривал за словенечкиот претставник во регионалното натпреварување, кого претходно го декласираа и на гостински терен. Овојпат Целје покажа карактер и успеа да се врати, но на крајот сепак пресуди класата на „вардарци“, кои постигнаа три гола во последните три минути по израмнетите 30-30 и заслужено се радуваа на победата.

Почетокот од натпреварот не навестуваше проблеми за македонскиот шампион, откако по израмнетите 4-4 „вардарци“ постигнаа три гола во низа, а потоа рутински ја одржуваа оваа предност. Нападот на „црвено-црните“ функционираше беспрекорно, избраниците на Гонзалес погодуваа од сите можни позиции, па на одмор заминаа со „плус четири“ (18-14). Дибиров го отвори второто полувреме за водство од 19-14, но гостите од Словенија не само што не потклекнаа, туку и успеаја целосно да се вратат во натпреварот. По 50 минути игра по двата гола на Марсениќ Вардар имаше водство од 28-24, но потоа Целје заигра далеку поефикасно во нападот. Позитивата на „црвено-црните“ се топеше, гостите се полесно го наоѓаа патот до мрежата на Штербик, а кога Жвижеј погоди од крило за израмнување на 30-30, Гонзалез немаше друг избор освен да побара тајмаут на помалку од три минути до крајот.

Веќе во следниот напад Циндриќ по одлична соло-акција реализираше за ново водство на Вардар, за Маргуч да ја погоди само гредата од голот на македонскиот првак. Сите дилеми околу победникот ги разреши Стоилов со гол на асистенција на Циндриќ, со што „црвено-црните“ ја осигураа и својата единаесетта победа во СЕХА-лигата сезонава.

Карачиќ беше најефикасен кај Вардар со шест гола, пред Мораеш и Марсениќ со по четири погодоци, додека Штербик имаше 12 интервенции.

Предноста во однос на ривалите е уште поголема и ако се земе во предвид дека Веспрем попладнево загуби со 27-23 на гостувањето против Загреб, со што „црвено-црните“ уште сега се речиси недостижни за бранителот на трофејот и речиси сигурно како првопласирани ќе го дочекаат фајналфор турнирот.

Вардар на 13 декември ќе му гостува на Загреб, што ќе биде последен натпревар на „црвено-црните“ во оваа календарска година, пред паузата поради подготовките на репрезентациите – учеснички на СП 2017 во Франција.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.