Нова генерација, но иста победничка филозофија: Младите во освојување на Ереван (17 ч.)

Нивните претходници беа на Европско првенство. Тоа не е притисок, туку предизвик за новата генерација на млади македонски фудбалери до 21 година да се обидат да го повторат нивниот извонреден успех. Ги нема веќе Барди, Николов, Алексовски, Велковски, но селекторот Благоја Милевски има на располагање нова генерација која треба исто така да докаже дека е талентирана и умее да игра фудбал.

Го имаат Елиф Елмас како предводник, а тој откако заработи два жолти картони во циклусот за СП 2018 со А-репрезентацијата, се префрли меѓу своите помлади колеги, за да и помогне и на селекцијата на Благоја Милевски. А селекторот верува дека и овој нов состав може многу, и треба да се навикне уште од самиот старт на квалификациите – да победува.

„Ова е нова генерација, но уште од самиот почеток, кога стартувавме со селектирање, напоредно додека другите се подготвуваа за Европското првенство, им влевавме сигурност дека и тие треба да бидат победници. Не очекува старт на квалификациите, а за противник ја имаме Ерменија. Ги знаеме нашите способности, верувам во фудбалерите и сите заедно се надеваме на успешен почеток. Нема воопшто да биде лесно, но нема лесни натпревари во Европа. Продолжуваме да работиме со истиот жар како и претходно и најважно е што веруваме во успех“, вели селекторот на младиот национален тим, Благоја Милевски.

Натпреварот меѓу Ерменија и Македонија се игра со почеток во 17 часот во Ереван, на стадионот кој се наоѓа во комплексот на Фудбалската федерација на Ерменија.

Се вчитува...