Нова титула за Антиќ – Фенер со чудесен пресврт до „метла“ за Бешикташ

Перо Антиќ ја збогати својата колекција на трофеи со нова титула во турското првенство, oткако Фенербахче славеше со максимални 4-0 во финалната серија против Бешикташ. Македонскиот ас не беше дел од составот на Фенер ниту на вечерашниот четврти меч, но избраниците на Жељко Обрадовиќ повторно славеа на гостински терен, и тоа повторно по продолжение од пет минути со конечни 94-98.

Овојпат успехот е поголем ако се земе во предвид чудесниот пресврт на турскиот првак, кој на нешто повеќе од две минути до крајот имаше негатива од 14 поени (79-65). Фенер се врати, Бешикташ на 19 секунди до крајот поведе со 84-79, но потоа Диксон погоди тројка, па Богдановиќ со нов прецизен шут како и пред неколку дена изнуди продолжение.

Шампионот уште еднаш одигра шампионски и во дополнителните пет минути, контролирајќи го резултатот и на крајот со „метла“ за Бешикташ стигнувајќи со нова титула.

Јан Весели со 26 поени и 11 скокови беше незапирлив под обрачите, додека Богдан Богдановиќ, кој се закити со МВП признанието, го заврши денешниот меч со 23 поени.

Се вчитува...