Очајно второ полувреме, убедлив пораз од Бугарија

Македонската кошаркарска репрезентација претрпе убедлив пораз од 96-74 на гостувањето во Бугарија, во последниот тест-натпревар во пресрет на претквалификациите за СП 2019 на почетокот од август. „Црвено-жолтите“ одлично парираа, па и го контролираа резултатот во првото полувреме, за потоа во вториот дел да одиграат очајни 20 минути, да им овозможат на домаќините целосно да доминираат на теренот, што резултираше со преубедлив пораз од 22 поени разлика.

Македонските кошаркари го почнаа мечот во Ботевград со најдобрата четвртина во нападот летово. Шутот од сите позиции функционираше беспрекорно, Теодор и Костоски одлично „диригираа“ со нашите акции, па по девет минути игра Македонија поведе со 28-20, постигнувајќи повеќе поени отколку за едно полувреме против Португалија, пред една седмица. Првата четвртина ја завршивме со предност од 28-22, а на стартот од вториот период избраниците на Давитков повторно имаа „плус осум“ (25-33). Домаќините со две тројки во низа експресно се вратија во мечот, но „црвено-жолтите“ возвратија преку Мекиќ и Ѓуроски, одржувајќи ја предноста.

Бугарскиот состав се соочи со проблем пред крајот на полувремето, по повредата на скочниот зглоб што ја заработи најдобриот кошаркар на оваа селекција, Везенков, кој сепак се врати во игра во третата четвртина. Домаќините сепак успеаја да се приближат и со петте поени во низа на Американецот Ди Бост дојдоа на само еден поен разлика на крајот од полувремето (42-43). Мора да се истакне неверојатната бројка од 21 шутната тројка на бугарскиот состав за едно полувреме, од кои домашните кошаркари реализираа осум.

Давитков експериментираше со петорката на стартот од второто полувреме, со Младеновски и Брчков, а Бугарија го искористи тоа и за помалку од пет минути стигна до предност од десет поени (57-47). Нашите репрезентативци не се предадоа, со влегувањето на Стајиќ добивме на интензитет, па намаливме на 62-59 со тројката на Чековски. Сепак, домаќините подобро ја финишираа четвртината, па во последните десет минути се влезе со водство на противникот од 70-62.

Бугарите ја продолжија серијата и на стартот од последната четвртина, што ја почнавме без Теодор во тимот, па по „цепелинот“ за 78-62 нашиот селектор побара тајмаут. Прашањето на победникот беше решено, па двајцата селектори до крајот настапија со променети петорки, за овој натпревар да заврши со конечни 96-74.

Теодор и Јанески со по 14 поени беа најефикасни во редовите на македонската репрезентација, а до двоцифрен ефект стигнаа и Чековски и Костовски со по 10 поени.

Ова беше последна контрола за Македонија пред стартот на претквалификациите за СП 2019 и премиерниот дуел во Приштина против Косово, закажан за 2 август.

Се вчитува...