Од трагедија до херој – останал без нозе, мајка и два брата, денеска освои злато во Пјонгчанг

Дино Соколовиќ од Хрватска е сензационалниот шампион во слалом на Параолимписките игри што се одржуваат во Пјонгчанг. Изненадувањето во хрватската јавност е огромно, но неговата животна приказна не е ништо помалку сензационална, а тешко дека ќе прочитате нешто поинспиративно.

Пред 15 години, Дино и неговото семејство по последниот училишен ден се упатиле на летување. Сепак, на стариот пат Загреб – Ријека дошло до тешка сообраќајна несреќа откако камион се превртел токму врз нивниот автомобил, при што животот го загубиле неговите мајка и двајца браќа, а Дино останал без двете нозе. Докторите биле шокирани кога тој воопшто успеал да се разбуди од кома, а тој по доаѓањето на свест не се сожалувал – завршил средно училиште, потоа и факултет, па сега работи како специјалист за комуникациски менаџмент и маркетинг во концертната сала „Ватрослав Лисински“.

Сепак, спортот е она што му даде сила и смисла… успешно се занимаваше со пливање, а потоа се префрли на скијање, додека во меѓувреме рекреативно игра кошарка во количка.

„Спортот го избрав бидејќи ме крена, ме извлече од дома и ме врати во друштвото“ – изјавува Соколовиќ.

Тој стана параолимпиец благодарение на Јаница Костелиќ, откако првата моно-скија ја купи од донацијата од продажбата на стапот на хрватската скијачка. Пред четири години во Сочи беше на чекор до параолиписки медал, но годинава го направи и тој последен чекор и се закити со златниот медал.

„Параолимпиското злато го посветувам на сопругата Барбара и на ќерката Вита, која има една година“ – скромно изјави Дино Соколовиќ по големиот успех.

Се вчитува...