Од вечното дерби останаа само спомените (ФОТОГАЛЕРИЈА)

МЗТ Скопје убедливо го порази Работнички во рамките од третото коло од кошаркарската Супер-лига, меч што според случувањата на теренот, но и на трибините, наликуваше на секој друг од домашното првенство. Пресметките меѓу лутите ривали отсекогаш биле исполнети со желба која прераснува во тензија, а вечерва се што беше „над нормалата“ беше конфликтот на Мираковски со судијата Феревски.

Разликата во квалитетот во минатото била поголема, за едниот или за другиот тим, но никогаш не било така мирно на трибините, па вечерва се случи на еден дуел меѓу МЗТ и Работнички да ги нема ниту „Фемили Аеродром“, ниту „Сити парк бојс“, кои и покрај најавеното доаѓање сепак не се појавија во СЦ „Јане Сандански“.

На теренот случувања според очекувањата, Работнички издржа додека имаше сила, а потоа МЗТ додаде гас и стигна до победата. Анте Назор имаше можност да испише историја (во поновото време), па во последната минута на теренот кај аеродромци да се најдат петмина македонски играчи. На теренот веќе беа Мекиќ, Младеновски, Ѓуроски и Симоновски, а кога во самиот финиш требаше да влезе Тодоровски наместо да излезе Мијатовиќ, стратегот на „металците“ го повлече Ѓуроски.

Не дека нешто ќе сменеше во резултатски решениот натпревар, но барем за момент ќе се потсетевме на времињата кога МЗТ и Работнички со домашни сили водеа битки за резултат, но и за престиж. Вечерва, тоа изостана, па наместо дерби полно со страст и емоции бевме сведоци само на професионално одработен меч на фаворитот, кој стигна до очекуваните бодови.

[new_royalslider id=”552″]

Се вчитува...