ОФИЦИЈАЛНО: Енис Барди три години во Леванте!

Шпанскиот прволигаш Леванте и официјално го потврди трансферот на македонскиот репрезентативец Енис Барди!

22-годишниот македонски фудбалер стави потпис на договор со тимот од Валенсија за соработка во следните три години, со можност за продолжување на истиот на уште две сезони. Официјалната промоција на Енис Барди, како што информираат од Леванте, ќе биде утре од 17 часот на стадионот на Леванте во Валенсија.

Како што претходно објавивме, Барди меѓу понудите од Видеотон, Штутгарт и Динамо Загреб, се одлучи да ја прифати онаа од Леванте, пред се поради желбата да настапува на Пиринејскиот полуостров.

Трансферот од Ујпешт во Леванте, според најавите, ќе изнесува 1,5 милиони евра а унгарскиот тим, според договорот, ќе добие и 10% од следниот трансфер на Енис Барди.

Фудбалерот од средниот ред беше најдобиот македонски репрезентативец на Европското првенство за играчи до 21 година кое ова лето се одржа во Полска. Претходно во својата кариера, покрај за Ујпешт, има настапи и за младинската екипа на дански Брондби, како и за шведскиот нисколигаш Преспа Бирлик.

Се вчитува...