Охрид ги исполнува критериумите за АБА 2

Првиот човек на АБА-лигата, Жарко Чабаркапа, денеска беше во работна посета на Охрид, при што изрази задоволство што македонскиот клуб АВ Охрид ги исполнува критериумите за да биде дел од новоформираната втора лига на регионалното натпреварување.

„Голем дел од критериумите кои ги имаме спортската сала во Охрид ги исполнува и тоа ме прави многу среќен и задоволен. Исто така официјално сакам да кажам дека многу ми е мило што АВ Охрид ја прифати нашата покана и одлучи да биде дел од нов и сериозен проект. Целта на Втората АБА лига е да се подигне општото ниво на кошарка на Балканот. Со Првата АБА лига успеавме во тоа и се изборивме победникот да игра во Евролигата, а сега со Втората лига сакаме што повеќе екипи да приклучиме и да ја промовираме кошарката во регионот“ – истакна Чабаркапа.

Планот на раководството на АБА е втората лига да стартува на почетокот на месец октомври, со тоа што средбите би се играле во работни денови, за викендите да останат слободни за средбите од домашните лиги.

Задоволство од остварената работна средба изрази и спортскиот директор на АВ Охрид, Марјан Бошалески.

„Остваривме работна средба со нашиот гостин и разменивме искуства кои ќе ни бидат потребни за учеството и општо за натпреварите кои ќе ги играме како домаќини и гости. Ситни забелешки има, но во најбрз можен рок ќе ги отстраниме и подготвени ќе го дочекаме стартот на новиот проект“ – порача Бошалески.

Се вчитува...