Охриѓани со стил ја заокружија 2017 година

Ракометарите на Охрид со стил ја завршија оваа 2017 година, во која во поледниот натпревар убедливо го совладаа тимот на Металург 2 со 34-22, зацврстувајќи се на местата од табелата кои водат во плејоф-разигрувањето.

Во годината во која го имаа и своето деби на европската сцена, охриѓани продолжуваат со добри игри и во домашното првенство, па триумфот над Металург 2 е вкупно осми за овој тим сезонава. Фаворитската улога на денешниот дуел беше оправдана со леснотија, откако дилемите за победникот беа разрешени уште во првото полувреме во кое домаќините поведоа со 19-11. Остатокот од мечот мина во опуштена атмосфера, без преголеми возбудувања, за конечна победа на Охрид од 12 гола разлика (34-22).

Најпрецизен во составот на Охрид беше Бобан Блажески со десет погодоци, по четири пати прецизни беа Томислав Кљајиќ и Лазар Адамовиќ. Во тимот на Металург 2 со пет погодоци најефикасен беше Мице Шилегов.

Се вчитува...