Ојлески: Нема да биде лесно, но одиме на победа и во Каунас

Ракометарите на Еурофарм Работник, в сабота во Литванија му гостуваат на Гранитас Каунас, во реванш натпреварот од 3.коло во Челинџ купот. Својот деби настап во европските купови, битолскиот тим го одбележа со победа против литванскиот претставник на првиот натпревар во Битола (28-24), што им носи дополнителна сигурност пред саботниот реванш.

Станува збор за сериозна екипа со која нема да биде лесно како што мислевме на почетокот. Имаме четири гола предност од првиот натпревар, но се подготвуваме да одиме на победа и на реваншот  в сабота во Каунас“ – вели левото крило на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески.

Проблем за битолскиот тим се промените во составот и се уште недоволната воиграност на новите ракометари. Но, Ојлевски верува дека тоа може да го надминат и да ја искористата шансата да обезбедат пласман во следната осминафинална фаза од Челинџ купот.

„Сега имаме многу повеќе информации за противникот и подобар увид во нивната игра. Имаат млад состав со добри бекови шутери. На првиот меч не изненадија со многу голови од 12-13 метри. Играат помалку чудна одбрана, нешто како 3-3, секој брка човек и малку се непредвидливи во овој сегмент. Но, има простор за игра, според квалитетот, тука сме некаде со Каунас, на приближно исто ниво.  Малку сме разнишани бидејќи заминаа неколку ракометари и се уште ни треба време за да се воиграме. Но, имаме предност и се надевам дека ќе бидеме успешни и во реваншот и ќе обезбедиме пласман во следната фаза во Челинџ купот“ – истакнува Ојлески.

Тренерот Илија Темелковски на гостувањето во Каунас во составот најверојатно ќе го има и Горан Крстески кој поради повреда не настапи на првиот меч во Битола. Крстевски се здоби со потрес на мозокот на суперлигашкиот дуел со Пелистер и во изминатите две недели мораша да мирува, но деновиве почна со полесни тренинзи и во Еурофарм Работник се надеваат дека ќе може да игра и да им помогне на реваншот во Каунас.

Се вчитува...