Олимпијакос ја реши и Барса, Џенкинс и донесе победа на Звезда

Минатата седмица го доби грчкото дерби во Евролигата, а вечерва Олимпијакос ја доби и Барса со само ’плус два’ среде Каталонија. Кошаркарите на актуелниот шампион на Грција делуваа загубени на самиот почеток на натпреварот, проблемите за организирање на напад беа очигледни со отсуството на Спанулис, но тука беа Манцарис и Вејтерс кои сигурно ги разигруваа своите колеги во вториот дел од натпреварот. Третата четвртина, добиена со 21-27 беше клучна за пресвртот и враќање на самодовербата, а потоа со стабилна игра во последниот период кошаркарите на актуелниот шампион на Грција забележаа нова победа со конечни 67-69 (20-17, 13-12, 21-27, 13-13).

Принтезис со 16 поени и Лојески со 11 беа единствените кошаркари со двоцифрен учинок. За Барселона тоа беа Копонен со 16, Тајрис Рајс со 15 поени и Анте Томиќ со 12 поени.

Црвена звезда и Фенербахче одиграа изедначен натпревар од почетокот до последниот свиреж на судиското трио. Двете екипи беа желни да се задржат на победничките патеки, но тоа им успеа на домаќините од Белград. Стефан Јовиќ го организираше последниот напад на „црвено-белите“, при резултат 73-73, на 30 секунди до крајот на натпреварот. Чарлс Џенкинс се извлече од под обрачот, ја доби топката и погоди близу линијата за три поени. Останаа нешто помалку од 10 секунди до крајот на натпреварот, недоволни за промена на резултатот кој гласеше 75-73 (23-23, 21-19, 17-17, 14-14).

Огнен Кузмиќ беше најефикасен во редовите на Црвена звезда со 21 поен, двоцифрени беа уште и Џенкинс со 14 поени односно Симоновиќ со 12 поени. За Фенербахче тоа беа Екпе Јудо и Луиџи Датоме со по 16 поени, Богдановиќ придодаде 12 поени.

Македонскиот интернационалец Перо Антиќ натпреварот го проследи надвор од теренот.

Се вчитува...