Олимпик Марсеј купи напаѓач од Монако

Олимпик Марсеј е активен на пазарот откако клубот од „Велодром“ најпрвин го откупи договор со Њукасл на Флоријан Тован, кој минатата сезона ја мина на позајмица во Марсеј, за веднаш потоа да го обелодени и трансферот на членот на шампионот Монако, Валер Жермен.

Станува збор за 27-годишен играч кој важи за икона на „кнезовите“ со оглед на фактот дека целата досегашна кариера ја мина во овој клуб, воедно и беше најзаслужен кога Монако од втората француска лига се врати во елитното друштво.

Сепак, тој лани го загуби првотимскиот статус, најчесто добивајќи шанса кога Фалкао не можеше да игра поради повреда. Жермен успеа да стигне до 15 погодоци во сите натпреварувања за Монако, дел од нив многу значајни во трката за титулата.

Олимпик Марсеј понуди 10 милиони евра, а откако фудбалерот изрази желба да си замине управата на „кнезовите“ даде зелено светло за реализација на овој трансфер.

Се вчитува...