Османи и Хасани едногласно: Не сме во Милано на прошетка, туку да го покажеме најдоброто од нас!

Со максимален респект за противникот но без претерано преценување и предвремено предавање фудбалерите на Шкендија утре ќе се впуштат на мегдан на „Сан Сиро“ против големиот Милан во последното квалификациско коло за Лигата на Европа. Тоа го најавија шефот на стручниот штаб Ќатип Османи и капитенот Ферхан Хасани на вечерашната официјална прес-конференција во Милано…

„Сите многу добро знаеме кој е фаворит во оваа пресметка. За нас е пред се големо задоволство што ќе ги одмериме силите со клуб како Милан, но мора да нагласам дека ние воопшто не сме дојдени тука на прошетка, туку да го покажеме најдоброто од нас. Подготвени сме за надигрување со Милан. Свесни сме за предизвикот кој не очекува но Шкендија досега покажа ова лето на европската сцена дека знае да игра фудбал, па така ќе биде и утре на овој стадион“ – истакна Османи пред италијанските медиуми.

Еднакво е размислувањето и на Хасани кој од свое и од името на соиграчите порача дека ќе се даде максимумот за чесно претставување на Шкендија против европскиот гигант.

„Атмосферата во тимот е одлична како никогаш досега. Сето тоа ни дава надеж за добра претстава и на ‘Сан Сиро’. Добро е што нема некој притисок кај нас играчите, но само желба да се покаже најдоброто. Знаеме дека нема што да загубиме, а може многу да добиеме од овие натпревари против Милан“ – рече Хасани.

Веднаш по прес-конференција, Шкендија вечерва на „Сан Сиро“ ќе го одработи и последниот тренинг пред утрешниот натпревар кој се игра со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...