Османи: Загубивме само поради наши грешки, а не зошто Вардар беше подобар

Шкендија го доживеа првиот пораз сезонава, во дерби пресметката со Вардар на „Филип Втори“ во Скопје. Тетовци се чинеше дека имаат контрола на играта и резултатот, посебно во првиот дел, кога го надиграа противникот, но во второто полувреме дозволија четири гола во својата мрежа и заслужен пораз.

Стратегот на Шкендија, Ќатип Османи смета дека поразот е исклучиво последица на грешките и деконцентрацијата на играчите од неговиот тим, а не зошто Вардар беше подобар на теренот.

„Сами се совладавме, мора да признаеме. Во моментите кога имавме навистина се, и резултат и комплетна контрола на играта, лесно од наши грешки го враќавме Вардар во игра. Во клучните моменти место да демонстрираме смиреност и надмоќ, ние бевме целосно деконцентрирани во одбраната подарувајќи му најмалку три гола на противникот. Сепак, јасно е дека ова е само една од битките меѓу двата најдобри тим во првенството. Долг е шампионатот во кој многу натпревари ќе одлучуваат околу титулата“ – истакна по натпреварот во Скопје, Ќатип Османи.

Се вчитува...